Падни-стани. Вака најдобро се опишува движењето на цените на становите во последните пет години. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во 2008 во однос на 2007 година цените на становите имале фантастичен раст за над 22%, а во годините што следат безмалку се задржале на тоа ниво, зашто една година малку паѓале, па следната растеле. Со ваквите движења Македонија остана меѓу ретките земји во регионот, па и пошироко, чиј пазар на недвижнини не реагираше со вртоглав пад на цените во кризниот период. Ако ги прашате граѓаните заинтересирани за купување стан, ќе ви кажат дека становите се безобразно скапи, пред се оние во центарот на Скопје и неговата поширока околина, каде што пазарот на недвижнини најдобро работи.
Падни-стани. Вака најдобро се опишува движењето на цените на становите во последните пет години.
Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во 2008 во однос на 2007 година цените на становите имале фантастичен раст за над 22%, а во годините што следат безмалку се задржале на тоа ниво, зашто една година малку паѓале, па следната растеле. Со ваквите движења Македонија остана меѓу ретките земји во регионот, па и пошироко, чиј пазар на недвижнини не реагираше со вртоглав пад на цените во кризниот период.
Ако ги прашате граѓаните заинтересирани за купување стан, ќе ви кажат дека становите се безобразно скапи, пред се оние во центарот на Скопје и неговата поширока околина, каде што пазарот на недвижнини најдобро работи.
Инвеститорите пак, одат во друга крајност и тврдат дека продаваат под цена, зашто им растат трошоците, на сметка на профитот. Резултат е ситуација во која стан во центарот на Скопје сега е горе-долу со иста цена како стан во центарот на Белград и на Загреб, а поскап отколку на хрватското приморје, со исклучок на Сплит, кој поради атрактивноста држи цена.
- Нема логика недвижнина во центарот на Скопје и во центарот на Белград да има иста цена. Српскиот пазар е многу поголем од македонскиот. Освен тоа, таму има повеќе странски дипломатски и комерцијални претставништва, што значи и повеќе странци кои купуваат или изнајмуваат станови, го движат пазарот - толкуваат агентите за недвижнини.
Очекуваниот влез на Македонија во НАТО во 2008 година беше причина градежните компании практично во еден здив да ги зголемат цените на недвижнините за цели 22,1%. Мислеа дека ќе има поголема побарувачка на станови, зашто интеграцијата во Алијансата требаше да донесе повеќе странски клиенти. Последиците од овој нивен потег се чувствуваат до ден-денеска. На изјаловените очекувања во 2009 година тие реагираа со намалување на цените кое според математиките на статистичарите изнесувало само 7%. Во 2010 година е регистриран раст за 0,9%, во 2011 пад за 3,8%, а лани цените се намалиле за занемарливи 0,4%.
Минатата година во нашата држава се случи вистински бум во станоградбата. Изградени се двојно повеќе станбени згради отколку во 2011 година, со четири пати поголема вредност. Но, веќе во првата половина од оваа година градежниците излегоа со алармантен податок дека околу 6.000 станови подолго време не можат да ги продадат. Сега имаме ситуација станови да се продаваат на акција, како прашок за перење, но и во Градежната комора на Сојузот на стопански комори и во Групацијата за градежништво при Стопанската комора на Македонија велат дека цената на станбениот квадрат во основа останува иста, а под цена се продаваат само поголемите станови за кои подолго време нема клиенти и тоа практично го прави статистичкиот пад на вредноста на недвижнините.
Одговор на експанзијата во станоградбата и држењето до утврдените цени годинава е и намалената изградба. Од месец на месец паѓа бројот на издадени градежни дозволи, дури и во шпиц-сезоната за градење. Најсвежите податоците на ДЗС кажуваат дека во јули годинава се издадени 179 одобренија за градење, што е за 26% помалку во однос на истиот месец од претходната година, а предвидената вредност на објектите што треба да се изградат е за 91,6% помала. Градежниците и понатаму тврдат дека нема простор за глобално поевтинување на станбениот квадрат, а пониска цена купувачите може да добијат само при меѓусебното договарање за поединечни станови. Нивен адут за ваквиот став е високата цена на локациите. Статистичките пресметки покажуваат дека просечната продажна цена на градежното земјиште од 9.109 денари за квадратен метар во 2008 година, лани се зголемила на 13.912 денари. За сметка на тоа паднале трошоците за градење, а се зголемиле другите трошоци.
За разлика од кај нас, српскиот статистички завод информира дека во Србија се уште е во тек падот на цените на недвижнините, кој трае повеќе години. Само во првото полугодие од 2013 цените на новоградбите паднале за 5,7% во однос на претходните шест месеци, но ако се земе предвид курсот на динарот во тој период, падот е 2,3%. Само во Белград становите се поевтинети за 6,7%. Но, според статистичарите, во Србија годинава има тренд на пад на цената на градежното земјиште, на градењето и на другите трошоци на инвеститорите.
Бугарскиот завод за статистика, пак, за прв пат годинава по 2008 година регистрира раст на цените на недвижнините во Бугарија. Тој раст е благ, па цените во престолнината летово достигнале вредност од 500 и 1.000 евра за квадратен метар, што е помалку од максималните околу 1.200 евра за квадрат во Скопје. Бугарската национална телевизија неодамна јави дека во јули и август имало и раст на продажбата на станови за цели 20%, но за тоа најзаслужни биле Русите, кои главно купувале
луксузни објекти.
Светскиот пазар на недвижнини се опоравува
Лондонската консалтинг агенција за недвижнини "Најт Франк", истражувајќи 55 пазари на недвижнини во светот констатира раст на цените во 37 земји, во вториот квартал од годинава. На глобално ниво цените пораснале за 2,2%, што е најголема стапка на раст од второто тримесечје на 2010 година, се наведува во најновиот извештај на агенцијата.
Во Европа цените се зголемиле за 0,7%, но меѓу земјите има големи разлики. Во споредба со минатата година најголем раст се случил во Турција, 12,2%, додека во Грција пазарот паднал за 11,5%. На годишно ниво намалени цени има во Холандија и Унгарија, а по три години негативно движење или стагнација пазарот на недвижнини во Велика Британија реагирал со раст од 2,6%. Пониски цени од претходно сега имаат недвижнините во Шпанија и Италија, додека во САД во првата половина од годинава има раст од 10%. За една година цените најмногу пораснале во Дубаи, за цели 21,7%.
Се градело, ама и се рушело
Лани многу се градело, но и се уривало. Урнати се вкупно 107 објекти, со што е надминат рекордот од 2009 година кога со земја биле срамнети 102. Најстариот од нив бил изграден пред 1900 година! Лани се урнати и две приватни згради изградени во периодот до 1918 година, една изградена меѓу 1919 и 1945 година и 19 изградени до 1960 година. Најмногу меѓу урнатите објекти се со понов датум. Срушена е 81 градба изградени меѓу 1961 и 1975 година, како и три подигнати по 2005 година.